Шампионот на Англија ова лето донесе шест нови играчи: Вили Кабаљеро, Антонио Ридигер, Тимуе Бакајоко, Алваро Мората, Давиде Запакоста и Дени Дринквотер.
Но „Сините“ пропуштија уште неколку други желби, и според Доминик Фифилд, Антонио Конте ќе биде особено разочаран што не биле купени Ромелу Лукаку и Вирџил ван Дијк.
„Мислам дека управата на Челси ќе рече „Немавме толку лош трансфер пазар“. Тие потрошија 180 милиони фунти и донесоа неколку нови играчи, и да, нивниот состав веројатно е за малку подобар од оној од минатата сезона“ – вели новинарот на Гардијан за Скај Спорт.
„Но мислам дека Конте посакуваше тие да бидат многу посилни, и сигурен сум дека ќе биде разочаран што не ги доби Вирџил ван Дијк и Ромелу Лукаку. Исто така и Алекс Сандро“.
Челси долго време се обидуваше да го ангажира Ромелу Лукаку, но Белгиецот заврши во Манчестер јунајтед, а Челси мораше да се задоволи со Планот Б и Алваро Мората.
Што се однесува до Вирџил ван Дијк, Саутемптон одби да го продаде дефанзивецот и покрај тоа што Челси, заедно со Ливерпул и Арсенал беа подготвени да платат и преку 60 милиони фунти.