Медиумите од Шпанија пренесуваат дека Ансу Фати се повредил и ќе ја пропушти турнеата на Барселона во САД.
Ансу Фати се најавуваше како новата голема ѕвезда на Барселона, но честите повреди го спречија да блесне на највисоко ниво.
По неуспешната позајмица во Брајтон, офанзивниот фудбалер се врати во Барселона ова лето, и додека се бара решение за неговата ситуација, тој ги започна подготовките под водство на Ханси Флик.
Изминатиов период имаше многу написи за тоа како Ханси Флик бил импресиониран од Ансу Фати, задоволен од залагањето и перформансите, па размислува да му даде шанса да се докаже.
Но очигледно фудбалерот е голем малер, и на последниот тренинг заработи повреда на стапалото.
Во моментов од таборот на „каталонците“ брифираат само дека играчот нема да патува на турнеата во САД и ќе остане во Барселона на конзервативен третман.
А како што пренесуваат медиумите, Ансу Фати би можел да биде надвор од стројот од три до шест недели, со што ќе го пропушти стартот на новата сезона.