Англија не сакаше натпревар со пенали бидејќи во минатото обично доживуваа елиминација кога на тој начин се решаваа натпреварите, но овој пат не беше така.
Англичаните на пенали ја совладаа Колумбија откако натпреварот по 120 минути беше нерешен, 1-1.
Првиот дел беше мирен, без посериозна шанса. Момент за одбележување се случи во 41. минута кога Бариос со глава го удри Хендерсон, Англичаните бараа црвен картон, но судијата се чини оправда му покажа само жолт.
По девет минути игра во второто полувреме пенал за Англија. Карлос Санчез го фаулира Кејн, судијата без двоумење покажа на белата точа.
По многу нервоза, пеналот конечно беше изведен, Кејн шутираше прецизно и донесе водство на Англија од 1-0.
И во наредните неколку минути имаше повеќе прекини и нервоза отколку фудбал. Откако почна да се игра нормален фудбал Колумбија нападна. Беше опасна и Англија на контра напади, но резултатот не се менуваше.
Кога се чинеше дека Англија ќе го сочува водството, Јари Мина даде гол во 93. минута и го однесе натпреварот во продолженија.
Во првите 15 минути немаше шанси, во вторите, Англија се закани два пати, еднаш преку Роуз, втор пат преку Дајер, но не успеа да дојде до победа. Резултатот остана 1-1, па пеналите го решаваа победникот.
Во пенал рулетот Пикфорд беше јунакот на Англија, одбрани пенал на Бака кој се покажа како пресуден, Урибе претходно ја погоди пречката од голот на Англичаните, а кај нив промаши само Хендерсон.
Англија беше подобар противник во најголемиот дел од мечот и заслужи да помине еднаш на пенали. Во четвртфиналето ќе игра против селекцијата на Шведска која денеска со 1-0 ја совлада Швајцарија.