Германија и Англија и теоретски обезбедија пласман на Светското првенство кое во 2018 година ќе се одржи во Русија.
Германците со голови на Руди, Вагнер и Кимих ја победија Северна Ирска на нејзин терен, тоа беше нивни директен дуел во битката за првото место. На коло пред крајот Северна Ирска обезбеди второ место.
Пласман на мундијалот обезбеди и Англија која во еден неинтересен дуел со гол на Хари Кејн во 94. минута ја победи Словенија со минимални 1-0.
Полска со 6-1 славеше на гостувањето кај Ерменија и обезбеди минимум второ место во групата, но има огромни шанси да остане и на првата позиција. голот за домаќините го постигна Вардарецот Хамбарџумјан, кај Полска главен беше Левандовски кој реализираше хет-трик.
Во директен дуел за второто место Данска со 1-0 славеше на гостувањето кај Црна Гора. Чешка со 2-1 го победи Азербејџан, Романија со 3-1 славеше над Казакстан.
Највисоката победа ја обезбеди Норвешка победувајќи со 8-0 на гостувањето кај Сан Марино, Шкотска со 1-0 ја совлада Словачка, Малта и Летонија одиграа без победник 1-1.