Македонија утре со почеток од 18 часот ја пречекува Словенија во пријателски натпревар. Првпат после година ипол е дозволено на стадионите да има публика, па македонската репрезентација конечно ќе игра пред навивачи.
„Фудбалот се игра за публика, а дури и имаме позитивна трема пред овој меч, зашто одамна не сме имале навивачи на мечевите. Посакувам да биде полно колку што е дозволениот максимум, оваа селекција заслужи поддршка, а сега навивачите после сета поддршка што ни ја даваа изминатиот период, сега имаат шанса да направат атмосфера. Овие дечки го заслужија тоа, заслужија за сѐ што направија за Македонија“, вели селекрторот Игор Ангеловски.
Тој вели дека нема да експериментира на престојните пријателски мечеви со Словенија и Казахстан.
„Момците работат одлично, како и секогаш досега. Досега ние спарингувавме со други селекции учесници, а сега првпат тестираме како учесник на ЕП. Словенија е една квалитетна селекција, со која игравме во квалификациите и мислам дека нѐ чека одлична проверка. Овие два меча, како овој со Словенија, така и со Казахстан ќе ни послужат за проверка, ама не за експериментирање. Јас не сум тренер кој сака да експериментира. Тоа што ни е потребно ќе го направиме. Ние и на тренинг играме на резултат. За нас, резултатот секогаш е во преден план. Така ќе играме и сега“.