Минатиот месец Андреа Пирло потврди дека ќе стави крај на кариерата по крајот на оваа сезона. Њујорк Сити синоќа беше елиминиран во МЛС плејофот, а тоа значеше и последен професионален меч за италијанскиот фудбалер.
Њујорк сити го победи Колумбус со 2-0, но со вкупни 4-3 гостите продолжија понатаму. Пирло во игра влезе во 90. минута и беше поздравен со стоечки овации.
„Сфаќате дека вашето време истекло. Секој ден имате физички проблеми, не можете да тренирате како што сакате бидејќи секогаш имате некои проблем. На мои години е доволно. Ќе правам нешто друго. На 38 години мислам дека е вистинско време да го отстапам местото на помладите“ – изјави Пирло во интервју за Газета дело Спорт.
Андреа Пирло кариерата ја почна во Бреша од каде се пресели во Интер. Тоа беше неговиот прв клуб, таму не се наигра многу. Остана во Милано, но го промени дресот. Десет години настапуваше за Милан каде што се промовираше во еден од најдобрите играчи во Италија. Росонерите сметаа дека неговата игра бледнее, па тој замина во Јувентус каде продолжи да игра во маестрална форма. Во 2015 замина во Њујорк Сити каде денес ја заврши кариерата. За италијанската репрезентација има 116 настапи и 13 постигнати гола.