Италијанскиот стратег, Карло Анчелоти отворено зборуваше за новиот формат во Лигата на шампионите и призна дека не му се допаѓа.
Новиот формат во елитното натпреварување во кој во првата фаза се игра во лигашки систем донесе поголем број позитивни коментари, но Анчелоти е еден од критичарите на ваквиот систем.
Стратегот на Реал Мадрид објасни и што не му се допаѓа.
„Не го сакам новиот формат во Лигата на шампионите, има премногу натпревари. Место да се намали бројот на натпревари, се зголемува“, изјави Анчелоти.
Реал Мадрид во Лигата на шампионите ја чека ждребката за плеј-офот каде што утре за противник „кралевите“ ќе добијат еден од Манчестер сити или Баерн Минхен.
„Не би сакал да играме против Манчестер сити. Тој клуб има повеќе шанси да ја освои Лигата на шампионите, затоа би било добро да ги избегнеме“, одговори Италијанецот на новинарското прашање.