Карло Анчелоти вели дека најголемата грешка во кариерата ја направил како тренер на Реал Мадрид кога во 2015 година на Флорентино Перез му побарал многу пари за продолжување на договорот.
Карло Анчелоти минатиот месец на церемонијата во Париз на која се избираа најдобрите, ја доби наградата за Тренер на годината, па Италијанецот седна на интервју со Франс Фудбал.
Запрашан за една работа што би променил во својата кариера, тој вели: „Не е можно во 30 години работа да носите само добри одлуки. На пример, имав една лоша токму тука во Реал Мадрид“.
„По мојата прва година (мисли на сезоната 2014/15), бев блиску до продолжување на договорот, клубот сакаше да ме задржи, но јас притиснав силно, на Флорентино Перез му побарав голема плата и тие ги прекинаа преговорите (на крајот од сезоната доби отказ). Тоа беше грешка, најголемата што можев да ја направам. Но ми помогна да научам нешто“.
Запрашан која му е најомилена титула, тој вели: „Првата во Лигата на шампиони, таа со Милан во 2003 година. До тогаш, во многу наврати финиширав како втор. Исто така морам да ја споменам „Ла Десима“ во 2014, како и таа во 2022, кога ја освоивме 14-тата титула со Реал Мадрид. Сите мислеа дека мојата кариера е во пад по авантурите во Евертон и Наполи, но ја освоивме Лигата на шампионите и таа ми е прилично специјална титула“.