Рубен Аморим вели дека во моментов е срамно да се биде тренер на Манчестер јунајтед по серијата лоши резултати, но додава дека нема да се промени и ќе продолжи да го имплементира својот стил на игра.
„Ѓаволите“ им приредија уште една разочарувачка ноќ на навивачите, вчера загубија од Њукасл на Олд Трафорд.
Поразот беше трет во низа во Премиерлигата, четврт ако се земе и пресметката против Тотнем во Лига Куот.
Па Манчестер јунајтед сега е на позицијата број 14 на табелата, со 23 бода помалку во однос на лидерот Ливерпул, и само седум бода над местата кои водат во втора лига.
„Јас сум виновен за ситуацијата, тимот не бележи напредок, малку сме изгубени во моментов. Срамно е да се биде тренер на Манчестер јунајтед и да се губат волку многу натпревари. Но мораме да се справиме со вакви тешки моменти“ – вели Рубен Аморим.
Запрашан дали „ѓаволите“ можат да бидат вмешани во битката за опстанок, тој додава: „Мислам дека ова е можно и треба да бидеме јасни со навивачите“.
„Па ќе мораме да промениме одредени работи, оваа сезона ќе биде навистина тешка за сите. Но сигурно ќе не направи посилни и мораме да пружиме борба“.
Но и покрај ова, тој категорично порачува дека нема да го промени својот стил на игра: „Бев ангажиран поради оваа идеја, и доколку се промените само поради тоа што сте во тешка ситуација, тоа е крај за секој тренер“.
„Доколку мислам дека ова е најдоброто за тимот, ќе продолжам да ја пренесувам мојата визија до фудбалерите“.