Тренерот на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим, јавно проговори за одлуката да ја смени формацијата на тимот, нагласувајќи дека било каква промена направена под притисок на медиумите за него би значела крај на тренерската кариера.
Португалецот за првпат оваа сезона, на дуелот против Њукасл, се откажа од системот со тројца дефанзивци и офанзивни бекови по страните. Наместо тоа, Манчестер јунајтед настапи со класична четворка во одбраната и двајца дефанзивни играчи за врска.
Во завршницата од натпреварот оваа поставеност се претвори во изразито дефанзивен распоред, но Јунајтед успеа да ја сочува предноста и да ја забележи победата. Воедно, тоа беше само втор натпревар сезонава на кој клубот не прими гол.
Иако претходно изјавуваше дека ниту Папата не би можел да го натера да го промени системот, Аморим сега појаснува дека можноста за користење различни формации отсекогаш била дел од неговата визија. Сепак, ваква одлука сакал да донесе дури кога тимот ќе почне да игра доволно добро, со цел да не изгледа како попуштање под надворешен притисок.
„Кога медиумите постојано зборуваат за промена на системот, јас не можам да го сменам, бидејќи играчите би помислиле дека тоа го правам поради вас и тоа е крај за еден тренер“, изјави Аморим.
Со оваа победа и тактичка флексибилност, Аморим испрати јасна порака дека одлуките ги носи исклучиво врз основа на својата визија и состојбата во тимот, а не по диктат на јавноста.