Тренерот на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим порача дека стандардите мора да бидат поставени на многу високо ниво откако Маркус Рашфорд и Алехандро Гарначо не се најдоа ниту на клупа за дерби пресметката против Манчестер Сити.
„Ѓаволите“ во драматичен финиш, со два гола во две минути, ги шокираа „граѓаните“ на Етихад, стигнаа до победа од 1-2 и ги однесоа трите бода во лутото градско дерби.
Пред почетокот на натпреварот, имаше многу дебата за одлуката на Рубен Аморим да ги шкртне Маркус Рашфорд и Алехандро Гарначо за овој важен натпревар, Англичанецот и Аргентинеот не се најдоа ниту на клупа.
„Внимавам на се. Внимавам на перформансите на тренинзите, на перформансите на натпреварите, начинот на кој се облекуваат, начинот на кој јадат, начинот на кој се однесуваат со соиграчите, начинот на кој притискаат…“ – вели Аморим.
„За мене, сето ова е многу важно. И во нашиот контекст, кога сме на почетокот од нешто, кога се обидуваме да промениме многу работи, кога луѓе во клубот остануваат без работа, мора да ги поставиме стандардите на многу високо ниво“.
„Денеска тимот покажа дека можеме да изоставиме било кој фудбалер и да победиме доколку сите заедно работиме напорно“.
Веста дека Рашфорд и Гарначо ќе бидат изоставени протече неколку часа пред официјалното соопштение, па тоа значи дека Рубен Аморим има „крт“ во соблекувалната.
„Ја знам приказната, но мислам дека во денешно време е невозможно да се сопре тоа. Има многу луѓе во клубот, играчите зборуваат со агентите, со пријателите, па тешко е да се најде изворот. Секако, не е добро тоа што јавноста дознава работи, но ајде да видиме дали следниот стартен состав ќе се појави во јавноста“.