Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим верува дека „црвените ѓаволи“ нема да чекаат долго за повторно да се вклучат во трката за шампионската титула во Премиер лигата.
Неговата изјава доаѓа по изјавата на клупската икона Сер Алекс Фергусон, кој изнесе став дека на Јунајтед можеби ќе му бидат потребни уште десет години за да се врати на врвот, повлекувајќи паралела со долгата „суша“ на Ливерпул без титула.
„Фергусон го разбира фудбалот повеќе од мене, особено англискиот. Но, не мислам дека ќе ни треба толку долго за да ја освоиме лигата. Не знам кој ќе биде менаџер тука, меѓутоа навистина верувам дека можеме да се бориме за титулата во наредните години. Мора да се борите со секакви внатрешни битки и јас сум тука за тоа. Ќе се борам и нема да се откажам. Се подобруваме како тим, како група“, порача Аморим.
Манчестер Јунајтед последен пат ја освои титулата во Премиер лигата во 2013 година, а доколку и оваа сезона остане без трофеј, ќе се заокружат 13 години без шампионска круна. По заминувањето на Фергусон, на „Олд Трафорд“ се сменија дури десет тренери кои немаа посебен успех.