Манчестер јунајтед му врачи отказ на тренерот Рубен Аморим по само 14 месеци минати на клупата на „Олд Трафорд“. Капката што ја прелеа чашата беше ремито 1-1 против Лидс Јунајтед изминатиот викенд, по кое португалскиот стратег јавно алудираше на внатрешни судири во клубот.
Мандатот на Аморим траеше релативно кратко и беше обележан со слаби резултати. Во вкупно 63 натпревари тој забележа само 25 победи, а минатата сезона Јунајтед под негово водство заврши на катастрофалното 15. место што беше најлош пласман во историјата на клубот во Премиер лигата. Ниту актуелната сезона не донесе посакуван исчекор: „црвените ѓаволи“ имаат само една победа во последните пет натпревари и моментално се наоѓаат на шестата позиција, со три бода заостанување зад местата кои водат во Лигата на шампионите.
Според информации од клубот, одлуката за смена ја донеле извршниот директор Омар Берада и спортскиот директор Џејсон Вилкокс. Освен резултатската криза, клучен фактор бил и нарушениот однос. Наводно, Вилкокс бил особено незадоволен од тактичката нефлексибилност на Аморим. Самиот Аморим по ремито со Лидс индиректно потврди дека постојат тензии, изјавувајќи дека сака да биде „менаџер“, а не само „тренер“, со што алудираше на несогласувања околу трансфер политиката и изборот на засилувања.
Смената ќе има и значителни финансиски последици за Манчестер јунајтед. Клубот ќе мора целосно да го исплати договорот на Аморим, кој важеше до јуни 2027 година. Потсетување, Јунајтед во 2024 година плати 11 милиони евра обештетување за да го доведе од Спортинг Лисабон. Според новинарот Бен Џејкобс, Португалецот со отказот добил и компензација од околу 11,5 милиони евра за неисплатени плати, со оглед на тоа што договорно беше врзан со клубот до следното лето.
До назначувањето на нов тренер тимот ќе го предводи Дарен Флчер кој досега работеше во младинските категории на гигантот од „Олд Трафорд“.