Од клубот ги претставија и новите дресови и новото лого на клубот. Технички спонзор на екипата ќе биде италијанскиот бренд „Џивова“, а освен тоа, клубот ќе има и нов брендиран автобус за потребите на екипата. Исто така беше најавен и спортскиот центар кој е планиран да биде комплетно готов до март 2018. година и проектот е со вредност од 4,6 милиони евра.
Академија Пандев успеа да направи експресен успех откако брзо по формирањето на првиот тим успеа да дојде до Првата македонска фудбалска лига.
Клубот од Струмица постои седум години, а пред два месеци како победник во Втората лига успеа да се пласира во елитата. Како што е познато, сопственик на клубот е нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев. Тој на денешната прес-конференција истакна дека е задоволен од досега постигнатото и дека амбициите се клубот да остане во Првата лига преку промовирање на млади талентирани фудбалери, а кога ќе се стекне искуство да се нападне и Европа.
„За нас ова претставува еден голем успех. Фактот што по седумгодишно постоење влеговме во Првата лига е одлично достигнување. Најзаслужни за ова се раководството и стручниот штаб во клубот, кои несебично помагаа на клубот за остварување на проектот. Нашата цел на стартот беше да вложуваме многу во младите категории, да ги испраќаме децата на вистински пат, но еве, по некоја година создадовме прв тим и среќни сме што сме во елитата. Се надеваме дека ќе бидеме еден стабилен прволигаш, кој ќе создава кадар предводен од младите. Академија Пандев ќе биде успешен проект и за нашата репрезентација“, изјави Пандев.
Покрај Пандев, на конференцијата беа и членовите од управата на клубот, Илија Матеничаров, Југослав Тренчовски и Дарко Костовски кои ги најавија новите проекти на Академијата. Следната сезона ќе се формира Горан Пандев Куп и Горан Пандев зимен и летен камп, а младински школи веќе се договорени во Куманово, Илинден, Гази Баба, Тетово и Гостивар.
Пандев Купот се очекува да почне во 2018 година и ќе брои 144 екипи во девет генерации.