Во новата сезона
од Премиерлигата освен што ќе имаме можност да проследиме веројатно
повозбудливо и понеизвесно првенство за разлика од ланската сезона, барем така
наликува, ќе имаме можност да навиваме и за нашиот Езгјан Алиоски, членот на
Лидс.
Ланската сезона
за популарниот Џани беше и повеќе од успешна, откако 28 годишниот македонски репрезентативец на
39 настапи успеа да запише пет погодоци, а дополнително уште и три асистенции.
Сезонава Алиоски
ќе има голем предизвик во неговата кариера, несомнено најголем досега, пред
себе ќе ги има за противници клубовите од елитната Премиерлига, а веќе е
позната и неговата цена која натпреварувачите ќе им овозможи да го купат на
Фантази Премиерлигата, која ланската сезона броеше неверојатни седум ипол
милиони натпреварувачи ширум светот, од кои близу осум илјади беа од
Македонија.
Алиоски на
платформата вреди 4.5 милиони фунти, а според тоа што го проследивме до
моментот на објавување на оваа вест, имаше 1.8% од досегашните пријавени
натпреварувачи кои веќе го селектирале.

Речиси и да нема
дилеми дека левата бековска позиција, која порано беше природна за Македонецот
ќе биде исклучена, од причина што Стјуарт Далас веќе ја бетонираше таа
позиција, откако 29 годишниот бек лани беше втор во тимот на Марсело Биелса по
минутажата, а со пет погодоци и три асистенции на одличен начин возврати на
довербата.
Тоа што е
најпозитивно во случајот со Алиоски, е фактот што на Фантази Премиерлигата се
води како дефанзивец, а всушност во реалноста ќе настапува нешто понапред од
тоа, односно во средниот ред, а со оглед на неговата препознатлива офанзивна
игра, тоа отвора можност за повеќе бодови во една ваква ситуација.