Вистински фудбалски спектакл се одигра на „Ди Корнаредо“ во Лугано денес, каде пријателски натпревар
пред полни трибини на арената одиграа фудбалерите на швајцарскиот прволигаш и
калчолигашот Милан.
Фото: FC
Lugano (Facebook)
Екипата од Милано
славеше убедлива победа од 0-4, но за нас она што е интересно е тоа што „моторот“
на Лугано, нашиот Езгјан Алиоски не само што не се најде во почетниот состав на
својот тим, туку и генерално не беше ниту на клупата за резервни фудбалери.
Се чини дека ова
е дополнителна потврда за денешните написи низ медиумите кои најавија дека
стигна потврда дека Алиоски се сели во тимот од Чемпионшип лигата на Англија,
Лидс Јунајтед.
„Точно е дека
преговорите со англискиот клуб одат во позитивна насока, сепак, да почекаме за
крајниот исход, да видиме што ќе се случи“ изјави шефот на стручниот штаб на
Лугано, Пјер Тами за швајцарскиот весник „ЛаРегионе“.
Дека најавите за
негов трансфер во Англија се во голема мера веродостојни, говори и фактот што
на официјалниот клупски сајт на Лугано, тој не беше вметнат ниту во делот кај
фудбалерите кои не се во можност за настап на денешната контролка, поради повреда и слично.
Алиоски во
редовите на Лугано дојде лани и досега одигра 50 натпревари на кои постигна 19
погодоци. Нашиот 25 годишен офанзивец кој по потреба игра и на бековската
позиција, развојот на својата кариера го почна во „Б“ тимот на Јанг Бојс (2010/13),
по што следеше преселба во Шафхаузен (2013/16).
На трансфер
пазарот, Македонецот кој има и швајцарски пасош има вредност од околу 2 милиони
фунти, тоа што има европски пасош дополнително ги олеснува преговорите помеѓу
Лугано и Лидс јунајтед.