Италијанскиот стратег Роберто Де Зерби и официјално седна на клупата на Тотнем, а до крајот на сезоната ќе го очекува тешка битка за опстанок во Премиер лигата.
По неговата промоција, клубот не откри детали околу стручниот штаб, но според информациите од италијанските медиуми, Де Зерби веќе работи на неговото формирање. Како едно од најзвучните имиња се споменува легендарниот стопер Алесандро Неста.
Неста остави силен белег во европскиот фудбал како играч на Лацио и Милан, а со репрезентацијата на Италија се искачи на светскиот трон во 2006 година во Германија.
По завршувањето на играчката кариера, тој се посвети на тренерската работа и има искуство во неколку клубови, меѓу кои Мајами, Перуџа, Фросиноне, Реџиана и Монца, каде што воедно беше и последно ангажиран како прв тренер.
Сега, можноста повторно да работи со Де Зерби, но и предизвикот наречен Премиер лига, би можеле да бидат клучни фактори Неста да прифати улога на негов асистент.