Лука Модриќ минатото лето пристигна во Милан по истекот на договорот со Реал Мадрид и потпиша едногодишна соработка. Со оглед на тоа што е во поодминати играчки години, многумина се прашуваа дали ќе може да одржи високо ниво на настапи.
Хрватскиот ветеран, сепак, покажа дека сè уште има што да понуди на теренот, па сега главната дилема меѓу јавноста и навивачите е дали клубот ќе му понуди продолжување на договорот.
На оваа тема се осврна и тренерот на „росонерите“, Масимилијано Алегри, кој засега не сака да избрзува со конечни одлуки.
„Клубот ќе разговара со него, одлуката е на Модриќ. Го очекува и настап на Светското првенство, па засега нека игра и нека ужива во фудбалот. Неговото доаѓање донесе квалитет, не само на технички план, туку и како личност и професионалец, особено за помладите играчи.
Неверојатно е да се гледа фудбалер како него, на 40 години, со толкава страст и љубов кон играта. Тоа внесува позитивна енергија и ентузијазам во тимот“, изјави Алегри.