Кристијано Роналдо и Лионел Меси повеќе од една деценија го дефинираа врвот на светскиот фудбал. Ривалството помеѓу Реал Мадрид и Барселона го доведе овој дуел до ниво што ретко ќе се повтори, а споредбите кој е подобар никогаш нема да престанат.
Поранешниот играч на Јувентус, Клаудио Маркизио, кој имаше можност лично да соработува со Роналдо во Торино, откри каков впечаток му оставил Португалецот уште од првиот ден.
„Кристијано Роналдо… Што би можел да кажам за него? Имаше многу притисок, но и огромна возбуда, во целата средина. Кога си во Јувентус, мислиш дека си навикнат на доаѓањето на големи шампиони. Но таа атмосфера во соблекувалната… Добро се сеќавам на денот кога дојде. Барзаљи и јас бевме таму и видовме многу големи играчи претходно. Но Кристијано нè натера сите да помислиме дека пристигнала вистинска суперѕвезда“, изјави Маркизио.
Потоа ја сподели и својата порака до младите.
„Ако може нешто да им кажам на децата: Следете го неговиот пример. Ако сакате голем шампион да ви биде пример, нека биде тоа Кристијано, а не Меси. Зошто? Бидејќи Меси има талент од Бога, тој имаше толку многу квалитети што дури и не мораше да тренира. А Роналдо постигна сè преку напорна работа. Дури и кога веќе беше голема ѕвезда, постојано работеше на себе, дури и повеќе од претходно, за да стане она што е денес“, подвлече Маркизио.
Изјавата повторно ја отвора вечната дилема, но и јасно покажува колкаво влијание имал Роналдо врз оние што секојдневно тренирале со него.