Во самиот финиш од денешниот меч меѓу Селта и Валенсија се повреди првиот голман на гостите, Хулен Агирезабала, а тоа веројатно ќе значи дека нашиот Столе Димитриевски ќе биде стартер на следните натпревари.
Агирезабала се повреди во судиското продолжение од мечот кога Валенсија веќе немаше замени, па фудбалерот Пепелу застана на голот.
Информациите од Валенсија велат дека повредата не наивна и првичните прогнози се дека Агирезабала ќе биде во аут најмалку шест недели.
Се очекува во тој период Столе Димитриевски да биде стартер на сите натпревари на Валенсија. Македонскиот голман досега добиваше шанса само во Купот на Шпанија.
Се шпекулираше за можно заминување на Димитриевски во јануарскиот преоден рок, но со оглед на последнава ситуација се очекува тоа да биде стопирано.