Правна збрка во камерунскиот фудбал доведе до апсурдна ситуација во која поранешниот селектор Марк Брис и понатаму добива плата и бонуси, иако практично одамна не ја извршува функцијата.
Белгискиот стратег беше тргнат од клупата кон крајот на 2025, но неговиот договор никогаш не бил официјално раскинат. Проблемот настанал затоа што Брис бил назначен од Министерството за спорт во април 2024, а не директно од Фудбалската федерација на Камерун, па останало нејасно кој има право да го разреши и кој треба да ги покрива финансиските обврски.
Поради тоа, тој продолжил редовно да прима месечна плата, а добил и бонус од повеќе од 20 милиони ЦФА франци, односно околу 30 илјади евра, за настапот на Африканскиот куп на нации 2025 каде Камерун стигна до четвртфинале. Од Министерството сметаат дека исплатата е легална бидејќи договорот формално сѐ уште е активен.
Во меѓувреме, селекторот Давид Пагу и неговиот стручен штаб, кои ја водеа репрезентацијата на турнирот по одлука на федерацијата, останале без договори и без примања. Двете институции си ја префрлаат вината околу исплатите.