Првиот човек на Наполи, Аурелио Де Лаурентис вели дека можел во пакет да ги продаде Виктор Осимен и Квича Кварацхелија на ПСЖ во зделка вредна повеќе од 200 милиони евра, но не го сторил тоа откако му дал збор на Антонио Конте.
Минатото лето, ПСЖ сакаше во пакет да ги купи Виктор Осимен и Квича Кварацхелија, но Наполи одби една ваква зделка.
Нигериецот на крајот од летото заврши во Галатасарај, додека пак Квича Кварацхелија во јануари 2025 година сепак беше продаден на „светците“ за 75 милиони евра.
„Морав да го продадам Кварацхелија бидејќи агентот ми се закани дека ќе го употреби членот 17 (правило кое му дозволува на фудбалерот да го раскине договорот за соодветна компензација)“ – вели првиот човек на Наполи, Аурелио Де Лаурентис.
„По првата сезона, која беше неверојатна, веднаш почнавме преговори за да му го продолжиме договорот, да му ја зголемиме платата“.
„Но неговиот агент, Мамука Југели имаше други планови. На крајот од втората сезона, за време на европското првенство во Германија, заедно со Мана и Кјавели отпатував во Дизелдорф со цел да најдеме решение“.
„Но Мамука продолжи да одолговлекува, се правдаше дека Џунтоли (поранешниот спортски директор на Наполи) му ветил пари кои никогаш не биле платени“.
„Сепак тоа беше една обична лага. Можев да го продадам во тој момент. ПСЖ ни понуди повеќе од 200 милиони евра за во пакет да ги купи Кварацхелија и Осимен“.
„Но му имав ветено на Конте дека Кварацхелија ќе остане, и не сакав да го погазам дадениот збор“.