Судот за спортска арбитража одлучи да му ја намали суспензијата на Адеми од четири на две години, па тој од 7. октомври повторно ќе може да игра професионален фудбал.
И покрај тоа што Адеми докажа дека намерно не користел недозволени супстанци, судот не му ја укина казната, туку само му ја намали, одлука која не го задоволи во целост македонскиот репрезентативец и Динамо.
„Прво сакам да ви се заблагодарам на сите што од самиот почеток ми дававте поддршка и верувавте во моја невиност. Ја проживеав најтешката година и пол во мојот живот. Кога паднав на допингот бев шокиран, не можев да поверувам, затоа барав и Б анализа, потоа доживеав тешка голгота, добив четири години забрана и се прашував како ќе продолжам без фудбалот бидејќи тоа е мојот живот“ – вели Адеми на прес конференцијата.
„Не знаев како тоа дојде во моето тело. Тоа ми беше најтешко. Казната требаше да ми биде укината, не се чувствувам како победник. Во соопштението на судот стои една реченица која му ја враќа вербата во мојата борба, пишуваше дека Адеми не мамел“.
„Ќе се вратам уште посилен, по ова психолошки ќе бидам посилен од било кога. Тренирам, играм падел тенис, мал фудбал, се трудам да останам во форма“.