Македонскиот
репрезентативец минатиот месец беше критикуван од јавноста во Хрватска откако Динамо
Загреб откри дека тој одбил намалување на платата. Како и многу клубови ширум
Европа, „модрите“ решија да ги скрати примањата на фудбалерите за да се ублажи
финансиската криза поради пандемијата на коронавирус, но во прв момент,
играчите со капитенот Аријан Адеми на чело, се побунија.
Следуваше бурен
период и отказ за целиот стручен штаб, а кратко потоа си замина и тренерот Ненад
Бјелица. На крајот беше постигнат компромис со фудбалерите, кои прифатија
намалување на платите.
Сега откако
кризата е надмината и полека фокусот се става кон продолжување на сезоната,
Аријан Адеми реши да ја раскаже својата страна на приказната.
„Најголемиот
проблем беше начинот на кој искомунициравме во соблекувалната и како избрзано
се извести јавноста, без преговори. Најголемиот проблем беше тоа што мерките
требаше да траат година дена, а во тој момент ние не знаевме што ќе се случи за
една недела или за еден месец. Поточно најголем проблем за играчите беше исплатата
на ратите за која се договоривме пред кризата. Сите имаме различни договори,
требаше да ни остават повеќе време за одоговор. Не кажавме дека не сакаме
намалување на примањата, кажавме дека го одбиваме моделот кој ни беше понуден.
Бевме збунети бидејќи слушавме дека клубот стоел добро. Повредени сме од
објавата на таа одлука во јавноста. Разочаран сум што немаше единство, требаше
сето ова да го решиме како семејство, и да помогнеме на оние кои немаат. Наместо тоа, нашиот проблем го решаваше целото
население, цела Хрватска. На крајот, јас, Петковиќ и Ливаковиќ седнавме на маса
со луѓето од клубот и договоривме да ни се исплати она што претходно ни беше
ветено како план за шестмесечно штедење“ – вели Адеми.
Кога Аријан Адеми
беше суспендиран од УЕФА поради допинг, Динамо Загреб застана зад Македонецот и
му даде целосна поддршка, па кога тој одби помала плата, луѓето веднаш го
потсетија што направил клубот за него кога му било тешко.
„Знаев дека сите
копја ќе се кршат врз мене, клубот беше фер и коректен додека не играв, но не
можев притиснат од благодарноста да одам против мојата совест. Кога имав лична
криза, клубот беше тука, а јас безброј пати се заблагодарив и останав иако имав
понуда и од клуб од топ 5 првенствата во Европа. Го ставив својот сон во втор
план поради Динамо. Некои работи кои беа кажани и напишани за мене, беа
одвратни и многу ме погодија“.