Се е подготвено за утрешното големо финале од Националниот фудбалски Куп на Македонија, во битката за трофејот ќе се борат битолски Пелистер и бранителот на куп титулата, тетовска Шкендија.
Оптимизам владее во редовите на вицепрвакот во домашниот шампионат, еден од клучните играчи на овој тим во нападот, привремениот македонски репрезентативец Бесарт Абдурахими во изјава за клупскиот сајт вели дека тетовските „црвено-црни“ се подготвени за одбрана на титулата.
„Подготвени сме за големото финале, во тимот владее позитивна атмосфера и пред се’ оптимизам во пресрет на овој натпревар, мошне важен за нас сезонава. Знаеме дека нема да биде воопшто лесно, Пелистер има тим за респект, но доколку ние ја одиграме нашата игра онака како што знаеме, во тој случај трофејот останува во Тетово“ вели Абдурахими.
За Шкендија ова ќе биде четврто учество во финалните пресметки од Купот, во ланското славеше над Работнички, претходните две финални битки ги загуби.
И за Пелистер ова ќе биде четврто учество во финалето, Битолчани последен пат трофејот во оваа конкуренција го подигнаа во 2001. година кога беа подобри од бранителот Слога Југомагнат, додека пак во останатите три обиди беа поразени.
Големото финале на стадионот „Младост“ е предвидено да се одигра утре со почеток од 17 часот, главен делител на правдата на мечот во Струмица ќе биде Александар Ставрев, ќе му помагаат Марјан Кировски и Дејан Костадинов.