Идниот тренер на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим вечерва со Спортинг ќе игра натпревар против градскиот ривал на „црвените ѓаволи“ во рамките од четвртото коло од Лигата на шампионите.
Пред овој дуел Аморим имаше само пофални зборови за „граѓаните“.
„За мене Гвардиола е најдобар тренер во светот. Знам дека навивачите на Манчестер јунајтед нема со насмевка да ја прифатат оваа моја изјава, но мислам дека Манчестер сити во овој момент го има најдобриот тим во светот“, изјави Аморим.
Свесен е дека денешниот натпревар ќе влијае на неговиот пречек во Манчестер јунајтед.
„Ако немаме добар резултат, очекувањата од мене ќе паднат, но ако победиме ќе ме сметаат за новиот Алекс Фергусон“, изјави Аморим.
Натпреварот помеѓу Спортинг и Манчестер сити се игра во Лисабон од 21:00 часот.