ВАР во мак-фудбалот: Кому му е потребен?

by riste
23 минути читање

Пишува: Кирил Зарински

Помина скоро една година откако за првпат во македонската јавност се појави наративот дека Федерацијата е на пат да имплементира ВАР во ПМФЛ. Дискусијата доби посериозен тон кога медиумите почнаа да ја пренесуваат веста и да шпекулираат кој може да добие, кој може да загуби од потенцијалното воведување на ВАР, но стивна во последниве месеци откако стана јасно дека раководството на ФФМ има поголеми проблеми со кои мора приоритетно да се соочи. Па сега, среде започната сезона во која веќе се соочивме со неколку дискутабилни судиски одлуки, можеби е вистинско време да го поставиме прашањето: Кому му е потребен ВАР во македонскиот фудбал?

Низ оваа статија ќе се обидам да ја објаснам проблематиката околу воведување на ВАР систем во македонското првенство и ќе образложам неколку причини зошто сметам дека дискусијата за оваа тема е фокусирана на погрешен аспект… во моментов.

ВАР системот или ВАР технологијата беше воспоставена пред десетина години, како дел од проектот Refereeing 2.0 (Судење 2.0) по иницијатива на Холандската фудбалска федерација. Тогаш технологијата беше ставена на тест во холандското првенство и по прелиминарните тестови беше одлучено дека овој проект ќе добие поширокa примена, па веќе во 2016 го добивме и првиот официјален натпревар на кој се употребува ВАР системот. Во истиот момент во македонската прва лига се играше можеби најквалитетниот фудбал што го виделе домашните навивачи од осамостојувањето па до денес. Тоа беше време на еден европски Вардар, но и на едни многу моќни Шкендија и Ренова, кои редовно му „дишеа во врат“ на шампионот и го притискаа да инвестира, да се засилува и постојано да го зголемува квалитетот ако сака да остане на врвот. Тука беше и супер-компетитивниот тим на Работнички, полн со идни репрезентативци и со дијамантот Елиф Елмас во нивните редови. Нашиот Ставрев им судеше на Барселона и Јувентус во Лигата на шампионите, што беше признание и за квалитетот на ПМФЛ. Соодветно на ова, се наѕираше и историскиот успех на младинската репрезентација, која во тој момент го чекореше патот кон квалификација и прв настап на Европските првенства. А отприлика тогаш се случи и оној клучен момент за сениорската репрезентација, кога (тогаш) новиот селектор Игор Ангеловски го убеди Горан Пандев да се врати и повторно да го облече македонскиот дрес, за некоја година подоцна и да ни донесе голема радост со пласманот на ЕП 2020.

На кратко, фудбалот во Македонија се чини дека беше на добро место. Трибините беа пополни од сега, навивачките групи активни, клубовите и играчите заразно амбициозни, а лигата атрактивна и полна со талент. Немаше ни муабет за ВАР, но муабетите за домашниот фудбал во тој период беа навистина содржајни – впрочем, дури и ден-денес се навраќаме на тој период и го референцираме токму него кога зборуваме за „успех во домашниот спорт“.

Денес е поинаку. Првата македонска фудбалска лига е во „слободен пад“ на УЕФА ранг листата и сега се наоѓа на незавидното 51-во место во Европа, зад националните лиги на Естонија, Лихтенштајн, Литванија и Малта. Послаби од нашата лига според УЕФА ранкингот се само првите лиги во Белорусија, Андора, Гибралтар и Сан Марино. Траорна слика за едно поднебје кое знаеме дека е спортски талентирано. И во сето она сивило што го опкружува македонскиот фудбал, а особено ПМФЛ во последните години, сега дојде ред да се дискутира за воведување на ВАР систем кој наводно треба да го „прочисти“ домашниот фудбал.

МИТ: Камерите ќе го направат судењето подобро

Пред да зборуваме за потенцијалната имплементација (која е практично неизбежна на долг рок), ајде да се осврнеме на често употребуваната, а погрешно срочена реченица дека „ВАР ќе го подобри судењето“. Се добива впечаток дека луѓето мислат дека ВАР системот е нешто мистично, надчовечко и апсолутно, па често дури и го ословуваат како да се работи за човек со чувства и сопствени објаснувања. Реалноста е дека тоа е само систем од камери со висока резолуција поставени на различни височини и агли за да им овозможат на судиите подобар преглед на сите случувања на теренот. Во најдобар случај, ВАР им дава на судиите уште еден механизам кој можат да го употребат при донесувањето на одлука. Во најлош случај, им обезбедува алиби пред јавноста за донесувањето на одлуки, бидејќи во секоја ситуација можат да ја префрлат одговорноста кај оние мистични ликови затворени во ВАР собата, на кои единствениот контакт со натпреварот и со играчите им е преку екраните поставени пред нив. Тоа нѐ носи до заклучок дека ВАР системот може да биде само онолку корисен колку што судиите ќе знаат да ја искористат технологијата во корист на воспоставување на фер и коректен однос на теренот. Во овој момент Александар Ставрев е единствениот судија во Македонија кој има повеќекратно искуство со користење на ВАР систем во официјални натпревари, иако и дел од другите судиите имаат посетено обука за истиот. Сепак, прилично сигурен сум дека нема да помине многу време пред секој од нашите судии да успее да го совлада користењето на ВАР системот. Со зборовите на Орсон Велс: „Нема ништо толку комплицирано во камерата што еден интелигентен човек не може да го научи за половина ден“.

Повеќе сум загрижен околу самиот стандард на судење кој го гледаме во домашните лиги, каде што на моменти се чини дека се игнорираат дури и основните фудбалски правила. Дополнително на тоа, не гледаме ниту реперкусии за судиите кои се „под стандардот“ и со нивните погрешни одлуки им прават штета на натпреварите и на клубовите, додека овие пишуваат ли пишуваат соопштенија за јавност и апели до надлежните. Тука за првпат ќе го поставам прашањето: Дали се фокусираме на погрешен аспект од ВАР дискусијата? Пред да им дадеме стотина камери, педесетина монитори и еден куп скапа опрема на судиите од Македонија, зарем не треба најпрво да се осигураме дека нивниот стандард е соодветен и дека тие ќе бидат држени под некаква одговорност за нивните постапки?

Ајде за момент да отидеме онаму каде што средствата и опремата не се проблем за имплементација на ВАР системот, па да видиме како е таму. Премиер лигата, која има и повеќе од доволно средства за да го имплементира ВАР системот во целост, претставува и еден од најдобрите примери зошто овој систем не е доволен за да се подобри судењето, сам по себе. Секое коло дава низа на погрешни одлуки и дискутабилни објаснувања за истите, кои се забораваат веќе следното коло бидејќи се заменети со нови, уште попогрешни и зачудувачки судиски одлуки. И сега наместо за некој добар потег или одличен гол, медиумите и јавноста по натпреварите зборува за ВАР одлуките и кого тие оштетиле или наградиле. Од она прикажаното, може да се увериме дека ако судиите не се на ниво на задачата, не им помага ни ВАР, ни 45 камери, ниту пак специјално составени тимови од судии затворени во тајна соба кои треба да донесат едно заедничко решение. Винстон Черчил еднаш рекол: „Ако не сакаш нешто да биде завршено, формирај комисија за него“. Овие од ФИФА го послушаа и направија нешто толку едноставно како судиска одлука да биде толку разводенето, непрецизно, комплицирано и крајно посредно, што сега веќе улогата на „главен судија“ скоро и да не значи ништо, бидејќи финалната одлука не е ставена само во негови раце.

ВАР како скапа алатка

ВАР системот е толку голем предмет на интерес најмногу поради неговата цена на чинење. Ова не е евтина алатка како семафорот за измени, видеобимот што ги покажува резултатите или пак електричниот скенер за карти поставен на влезовите. Баш напротив, ова е скап систем од 42 камери, кој мора постојано да се обновува како што технологијата оди напред. А за да се постави кај нас, прво треба да се адаптираат стадионите и инфраструктурата за да може да се активира оваа технологија како што треба.

Една работа е што ВАР системот не може да биде поставен било каде и на било каков стадион. Најпрво, потребно е дел од камерите да се на различни височини, да фаќаат различни агли и да даваат целосен преглед на теренот – што значи дека дел од стадионите ќе треба да претрпат одредено инфраструктурно преуредување. Потоа, потребна е супербрза 5G конекција за пренос на податоците во вистинско време, со цел да нема одложувања во ВАР собата; значи конекција која нема да падне или да изневери во текот на натпреварите. Ќе ни требаат и обучени техничари, сервисери, оператори кои ќе го работат секој од натпреварите. Скоро со сигурност ќе треба да се промени и терминот на натпреварите во ПМФЛ – да се играат во различно време, па можеби и во различни денови, за да се намали товарот на техничкиот персонал. Што нѐ носи до заклучок дека пред да се направи онаа една голема инвестиција, треба да ѝ претходат повеќе мали инвестиции кои ќе го подготват теренот за нејзина имплементација.

Калкулациите направени за шкотската лига велат дека имплементацијата на ВАР системот ги чини 1,4 милиони евра по сезона, со дополнителни трошоци за иницијалната имплементација за стадионите кои во почетокот не се соодветно подготвени за овој систем. Чисто за споредба, македонската прва лига има 12 клуба, исто како и шкотската. Можеме да замислиме дека трошоците би биле отприлика во истата рамка, со само мали разлики поради разликите во економскиот стандард на Шкотска во споредба со Македонија. Па ајде сега да поставам уште едно прашање: Кога последен пат ФФМ (или некое друго тело) вложило 1,4 милиони евра во домашниот спорт? И што може да се направи со оваа сума на пари за да се подобри домашниот фудбал?

Можеби нашите судии ретко имаат можност да ја користат ВАР технологијата, но тоа не значи дека ние како земја немаме искуство со неа. Нашата фудбалска јавност имаше неколку можности да види како изгледа ВАР системот за време на интернационалните паузи, бидејќи тој се користи во квалификациите за ЕП, СП и во Лигата на нации, но се користеше и во финалето на Купот на Македонија помеѓу Тиквеш и Воска, кое го судеше (сѐ уште) нашиот најдобар судија Александар Ставрев. За жал, ретко добивавме можност да видиме како таа функционира на дело. Од она што памти вашиот денешен автор (поправете ме ако грешам), досега имаме видено само 1 (една) ВАР интервенција на домашните терени. Најголема причина за тоа е веројатно неискуството со оваа алатка, но и фактот дека на нашите терени ВАР системот се спроведува само делумно, односно со нецелосна опрема и во „олеснето“ издание. Од обичен разговор со техничките екипи ќе дознаете дека, на пример, наместо предвидените 42 камери за ВАР системот во Македонија се поставуваат 4 или 5. И тоа се работи за обични камери кои не снимаат во различни брзини за да можат да обезбедат забавена снимка во висока резолуција. Накратко кажано, кај нас ВАР системот се спроведува „ради реда“. Значи, се поставува систем кој не му врши работа на судијата, но мора да го има поради некои прописи, колку да потврдиме дека „и ние имаме ВАР“. Заради тоа многу судии се во дилема дали воопшто да повикаат ВАР проверка – едно поради можноста дека таквата проверка нема да им биде од помош, а друго од страв дека обидот за таква проверка ќе открие некој технички недостаток на и онака нецелосната опрема. Од ФИФА веќе најавија дека постои можност да се воспостави некаква поевтина верзија на ВАР, која ќе биде адаптирана колку да се рече дека и посиромашните нации го имаат… но ова не е тоа. Па можеби тука е време за ново прашање: Сакаме ли ваков половичен ВАР систем? Квази-ВАР, што би се рекло.

Вистинската цена на ВАР системот

И додека главните полемики во јавноста се колку ќе чини ВАР системот во Македонија, од каде ќе дојдат парите, кој ќе го „лапне“ тендерот и кој најмногу ќе профитира од него, се добива впечаток дека се игнорираат оние најважните, фудбалски фактори околу оваа технологија. Во ред, системот ќе чини повеќе од милион евра по сезона кои веројатно ќе бидат набавени преку фондовите на ФИФА и УЕФА. Проектот многу веројатно ќе го спроведе идната владеачка структура и ќе го претстави како централен капитален проект на нивниот мандат во ФФМ. Но, која ќе биде вистинската цена на ВАР системот?

Резултатите од тестовите спроведени во лигите каде што ВАР веќе се користи покажуваат дека употребата на овој систем има големо влијание на вкупното времетраење на натпреварите, но влијае и на минутите активна игра во поле. Во лигите каде што се упоребува ВАР системот се забележува пад на активното време на игра од отприлика една минута за секоја интервенција на ВАР. Ако се земе предвид дека стандардниот просек е околу 52,5 минути, тоа значи дека три ВАР интервенции по натпревар би го спуштиле времето на под 50 минути активна игра. Во првенство како нашето каде што темпото е исклучително бавно, а активното време на игра и онака е на ниско ниво, може да се претпостави дека потенцијалната употреба на ВАР системот би ја намалила атрактивноста на фудбалот што се прикажува на терен, барем за оние кои ги гледаат натпреварите во живо, од трибините. Во првите сезона-две сигурно ќе биде потребно и време на адаптација на судиите на овој систем, па скоро сигурно интервенциите ќе траат подолго, но верувам дека тоа би можело да се стабилизира по неколку години активна пракса. Од друга страна, пак, во лигите каде што се употребува системот во последните години е забележан пораст на бројот на постигнати голови со зголемување на бројот на ВАР интервенции – па ако системот го има истиот ефект и на ПМФЛ, можеби ќе можеме да се израдуваме и ние на некој гол повеќе.

SAMARA, RUSSIA – JUNE 21: Referee Antonio Mateu reviews the VAR footage before awarding Australia a penalty during the 2018 FIFA World Cup Russia group C match between Denmark and Australia at Samara Arena on June 21, 2018 in Samara, Russia. (Photo by Simon Hofmann – FIFA/FIFA via Getty Images)

ВАР како производ на телевизијата и стримингот

Потребата за дополнително јавно преиспитување на судиските одлуки дојде како производ на растечката популарност и сѐ поголемото присуство на спортот во визуелниот медиум. Денес, без разлика дали е телевизија или стриминг, спортот е достапен 24/7 и редовно е меѓу најгледаните категории. Ова е особено точно за фудбалот – најпопуларниот спорт во светот – но истото важи и за кошарката, американскиот фудбал, ракометот и останатите спортови со масовна база на следачи. Кај секој од нив овој механизам е имплементиран во различна форма: во кошарката е обична и транспарентна видео репетиција, во тенисот е „challenge“ систем што им дава право на самите играчи да ја предизвикаат судиската одлука, додека кај американскиот фудбал тоа право ѝ се дава на клупата, односно на стручниот штаб на тимовите. Кај фудбалот, судиската одлука може да ја преиспита само тимот во ВАР собата – кој има право на судијата да му сугерира да ја погледне ситуацијата одново, притоа обезбедувајќи му видео материјал кој ќе го оправда предизвикувањето на првичната одлука. Неколку од националните првенства кои го користат ВАР системот решија да ја емитуваат репетицијата и за гледачите пред малите екрани, така што тие ќе имаат увид кон истата снимка која ја гледа и судијата. Засега ниту едно првенство не ги емитува ВАР репетициите на видео-бимовите на стадионите, така што судијата нема дополнителен непосреден притисок при прегледувањето на снимката и донесувањето на одлуката. Сепак, оваа „ексклузивност“ на видео материјалот кој го преиспитува ВАР собата често наидува на критика и сомнеж кај фановите. И тоа не само во фудбалот.

За илустрација, систем сличен на фудбалскиот ВАР беше употребен на турнирот во ватерполо на Олимпијадата 2020 и 2024, со јасно назначување дека увид до она што е прикажано на помошната снимка ќе имаат само судиите – не и публиката во сала или онаа пред малите екрани. На оваа последната Олимпијада токму една судиска одлука донесена под изговор на ВАР системот создаде бунт од страна на Италијанците, кои чувствуваа дека се оштетени со одлуката која влијаеше на нивниот конечен пораз од Унгарија во четвртфиналето. Нивната Федерација дури поднесе и жалба, која им беше одбиена со објаснување дека „резултатот од мечот не може да биде поништен поради погрешна одлука поврзана со ВАР системот“. Дополнителните снимки кои беа објавени јасно покажуваа дека одлуката е погрешна, но тогаш Комисијата за жалби само ја призна грешката и изрази сочувство до Италијанската федерација. Ама во тој еден момент, во само десетина часа од еден ден, ватерполото беше релевантно и можеби за првпат – тема на дискусија во светот на спортот.

Да се вратиме на фудбалот, кој е во постојана еволуција и се чини дека никогаш не мирува. Колку и да го избегнуваме овој факт, сепак фудбалот во 2024 (барем оној на највисокото ниво) е пред сѐ медиумски продукт, па сѐ останато. А ВАР дискусијата се покажа како многу корисна за медиумите, кои секој ден наоѓаат екстра материјал во одлуките и проверките на овој иновативен дигитален систем.

Тоа можеби не го подобрува фудбалот, но му помага да ја одржи својата популарност. На крајот од денот, од популарноста се профитира, зар не?

Ајде сега назад каде што почнавме – во македонскиот фудбал, или поточно ПМФЛ. Лига што се чини дека е алергична на популарност. Трибините се празни на сите стадиони, со исклучок на 3-4 натпревари годишно кога Вардар ќе биде домаќин или гостин на некој од лутите ривали. Згора на тоа, преносите од лигата не се достапни на телевизија (исклучок се Брера и Вардар, кои постигнаа индивидуални договори со СпортКлуб) и единствен начин да се гледаат натпреварите онлајн е преку стрим на YouTube каналот на ФФМ, направен со две нискоквалитетни камери и најчесто без коментатор во живо. Федерацијата се чини дека ја почитува волјата на клубовите самите да си обезбедат преноси, но пасивно седи настрана во однос на промоција на лигата во јавност. До тој степен што не само што не постои ниту една реклама во етер која ја промовира ПМФЛ, туку нема ни официјален вебсајт каде може да се види табелата од актуелната сезона. ПМФЛ на национална (или било каква) телевизија во моментов е само предмет на мојата фантазија. Е сега, дали без постојан приход од телевизиски права ФФМ ќе може да ја оправда инвестицијата во ВАР систем кој чини неколку милиони евра? Или пак со воведување на ВАР системот би сакала да изгради релевантност која ќе ги привлече телевизиските куќи да инвестираат во преносите од нашето првенство?

Кое и да е вистинското прашање и каков и да е одговорот, ги спојува желбите на ФФМ и финансискиот елемент кој доаѓа со имплементацијата на ВАР системот: оние слатки, слатки УЕФА фондови, нови маркетинг можности и секогаш дискутабилните тендери кои произлегуваат од скоро секоја домашна институција и организација која располага со државни пари. Доаѓаме до заклучокот дека ВАР системот не ѝ е толку потребен на ПМФЛ, на нејзините фанови или на судиите, колку што ѝ е потребен на самите луѓе во Федерацијата. Дали за да си дадат на значење со тоа што ќе станат „дел од ВАР семејството“, или пак заради оној поатрактивниот финансиски елемент, сеедно.

Епа ако не се инвестира во ВАР систем, во што да се инвестира?

На самиот почеток на оваа сезона можевме да видиме ситуација каде што судијата самиот „ја улови“ грешката на судиската екипа и по кратка дискусија со линискиот судија реши да ја промени неговата првична одлука. Без ВАР систем, без 42 камери – само со чиста свест и добро судиско око. Се работи за случајот од натпреварот помеѓу Вардар и Силекс, кој го судеше Димитар Пилешков од Штип. Фудбалерот на Силекс, Дарко Додев, тогаш постигна гол во судиското продолжение кој иницијално беше поништен поради тоа што линискиот судија го имаше подигнато знаменцето. Сепак, главниот судија Пилешков добро забележа дека топката дојде до нозете на Додев откако играч на Вардар го погоди в грб неговиот соиграч во обид да ја исфрли топката од шеснаесетникот. Поради тоа, позицијата на Додев беше регуларна и голот требаше да се признае. Пилешков ја смири ситуацијата, го повика неговиот линиски помошник, веројатно му ги објасни правилата на игра и на крајот ја донесе правилната одлука. Ниту се повика на некаква камера, ниту остана нем по погрешната проценка на неговиот помошник – туку само одговорно си ја заврши работата. Навистина, потег за честитки и признание за добро подготвен судија.

Ваквите примери како Пилешков се во моментов само исклучок во ПМФЛ. Повеќето судии влегуваат во окото на јавноста поради погрешните, не поради правилните одлуки. Веројатно за да има повеќе позитивни примери треба да се обрне внимание и на кој суди, каква е нивната едукација по прашање на познавање на фудбалските правила, колку се способни да донесат одлука под притисок и каква е нивната морално етичка состојба. Можеби сонувам за високи стандарди, но еден добро организиран и одговорен синдикат на судии верувам дека многу би помогнал да се качи стандардот. Еве за почеток, ако навистина сакаме да го подобриме квалитетот на нашето првенство (особено на судењето) би можело наместо во ВАР системот да се инвестира во подобри услови и едукација за судиите: почнувајќи од поголема безбедност на терените па се’ до повеќе можности за обука. Така организирани и поддржани од Федерацијата, можеби конечно добрите судии ќе видат аир од нивната добра работа и полесно ќе доаѓаат до можности да судат интернационални натпревари под капата на УЕФА и ФИФА, додека судиите кои постојано предизвикуваат штета со нивните погрешни одлуки конечно ќе бидат соочени со одговорност и реперкусии.

Ја споменав безбедноста, која е дел од македонскиот фудбал што мора да се подобри. Приоритетно во ПМФЛ, но и надолу по скалата на лигашките натпреварувања. Секоја сезона сме сведоци на повеќе испади на терените каде што се игра прволигашки фудбал: навивачи влегуваат во терен и напаѓаат играчи и судии, претседатели на клубови се симнуваат покрај аут линијата да се закануваат… цели натпревари се прекинуваат поради вакви испади, но тие продолжуваат да бидат дел од нашето фудбалско секојдневие. Инвестирањето во безбедни терени требаше многу одамна да биде приоритет на ФФМ, но упорно се игнорира на сметка на некои работи кои се претставени како поважни. Сигурен сум дека обезбедување на малку подобра контрола на она што се случува на терените и трибините нема да чини милион евра годишно, а ќе резултира во поквалитетен фудбалски производ – бидејќи ќе им влее доверба на квалитетните играчи дека ќе бидат заштитени и безбедни, па можеби и некои поголеми фудбалски имиња полесно ќе се охрабрат да дојдат да играат во Македонија. И не само тоа, туку и ќе им даде причина на семејствата и „кежуалците“ да се вратат на трибините, знаејќи дека нема да бидат сведоци на немили настани само поради тоа што одбрале да отидат на натпревар.

Последна, но не и помалку важна работа која сметам дека би требало да добие приоритет како инвестиција во однос на ВАР системот се самите терени во ПМФЛ. Оваа сезона фудбал се игра на 11 терени во ПМФЛ (Вардар и Работнички го делат истиот стадион, Националната арена Тоше Проески). Од нив, преку сила 4 имаат терен кој е доволно претставителен за на телевизија и на кој може да се игра брз и квалитетен фудбал без ризик од повреда. Останатите, како на пример теренот на Борис Трајковски во Маџари, повеќе наликуваат на патека за рели отколку на фудбалски терен – раскопани, нерамномерни и калливи дури и при најмал дожд. За ова да се подобри треба соработка со клубовите и општините, но секако најпрво е потребна иницијатива од ФФМ, како што беше тоа случај со проектот „Хет Трик 4“ во времето на тогашниот претседател на Федерацијата, Илчо Ѓорѓиоски. Уште еден, два, три вакви успешни проекти сигурно би имале голем позитивен ефект на домашниот фудбал, би го кренале ентузијазмот и би ни дале можност да видиме како изгледаат сите оние квалитетни играчи што ги носат Гостивар, Брера, Шкендија, Вардар, кога би излегле на тревници достојни за врвен фудбал. Е дури тогаш, веројатно ќе има поента да се имплементира ВАР системот – кога ќе знаеме дека сме создале основни услови за фудбал.

Во овој момент и во ваква лига, ВАР системот и неговата употреба само би создале поголема конфузија и еден себенаметнат товар на и онака брзотрошечкиот буџет на ФФМ. Ако на некого навистина му е потребен овој систем, тоа е само на ФФМ поради себевалидација и нивната убеденост дека така „се следат трендови“. Во реалноста, ВАР системот е на некоеси 50-то место на листата на приоритети во македонскиот фудбал. Околу исправноста или недостатоците на тоа како системот е имплементиран во фудбалот би зборувал некој другпат… можеби откако за првпат ќе го видиме на терените во ПМФЛ. До тогаш, будно ќе ги набљудувам случувањата околу оваа тема и ќе чекам да видам која продукција ќе се нафати да направи „сефте“ на ВАР системот во ПМФЛ и како самиот тој ќе биде реализиран: целосно, половично или ради реда.

Текстот е преземен од trivela.mk

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани