Контроверзниот
агент, синоќа влезе во војна со тренерот на Манчестер јунајтед со објава на
социјалните мрежи. Оле Гунар Солшер по победата на Челси одби да реплицира, но
и непрозван, Мино Рајола одново „распали“ по стратегот.
„Оле претера со коментарите,
извади реченица од мое интервју и глумеше дека е навреден, дека јас сум го
нудел Погба на други клубови без дозвола. Доколку го прочитате целото интервју,
ме прашаа дали Пол мечтае за враќање во Италија. Кажав дека Италија е негов втор
дом, но дека во моментов тој е фокусиран само на Манчестер јунајтед, да се врати
во полн фитнес и да му помогне на клубот во финишот од сезоната. Бев прашан, дали тој
би сакал да се врати во Италија и одговорив како Мино Рајола. Зар не смеам да
го правам тоа?“ – вели Италијанецот.
„Исто така, имам
голем проблем со изјавата на Оле дека Погба е во сопственост на Манчестер
јунајтед. Погба е вработен во клубот, не е во сопственост на Манчестер
јунајтед. Јас никогаш не сум зборувал за Оле во медиумите, а тој постојано
зборува за мене. Зборува за Халанд и ме спомнува мене, зборува за повредата на
Погба и ме спомнува мене, зборува за операцијата на Погба и ме спомнува мене“.
„Јас имам право
на мислење, имам право да го застапувам мојот играч на начин на кој сметам дека
е најдобар, и доколку на некого не му чини ова, тоа е нивен проблем. Мене ме
интересираат само моите играчи, и тие да бидат среќни од мојата работа“.
Што се однесува
до иднината на Пол Погба, Мино Рајола порача дека Французинот е верен само до
летоска, односно до ЕВРО 2020.
„Погба е верен на
Манчестер јунајтед само до Европското првенство, потоа ќе разговараме со клубот
доколку има потреба“.