Манчестер јунајтед тргнува по Ериксен, Данецот ќе му биде партнер на Погба или негова замена?

by
1 минути читање

Данецот ја одработува последната година од договорот и одбива да ја продолжи верноста со Тотнем, па „спарси“ се под притисок да се разделат со фудбалерот ова лето.

Атлетико Мадрид и Реал Мадрид се посочуваа како можни дестинации, а попладнево неколку извори од Англија пренесоа дека Манчестер јунајтед тргнува по потписот на Кристијан Ериксен. Телеграф и Скај Спортс објавија дека „ѓаволите“ во последните 48 часа од преодниот рок ќе се обидат да пронајдат заеднички јазик со Тотнем.

Останува нејасно дали Манчестер јунајтед во Кристијан Ериксен гледа партнер на Пол Погба или негова замена. Клубот од Олд Трафорд веќе остана без двајца фудбалери од средниот ред (Андер Ерера и Маруан Фелаини) и Оле Гунар Солскјер на листата со желби која ја состави уште пред неколку месеци имаше фудбалер од средниот ред, претходно се шпекулираше со Шон Лонгстаф од Њукасл и Бруно Фернандеш од Спортинг.

Скај Спортс додава дека евентуалниот трансфер на Кристијан Ериксен не е поврзан со заминување на Пол Погба, и лидерите на клубот од Олд Трафорд очекуваат Французинот да остане.

Останува да се види и дали Тотнем ќе прифати продажба на директен ривал и која сума ќе ја побара за разделба со Данецот. Даниел Леви е прилично незгоден во преговорите и минатото лето бараше 130 милиони фунти за да го пушти Кристијан Ериксен во клуб од Премиерлигата.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×