Иако од претходно беше познато дека Мегваер ќе биде нов играч на Манчестер јунајтед, тој денеска стави потпис на шестгодишен договор со опција и за седма.
Според англиските медиуми, сумата која ја плаќа Манчестер јунајтед е околу 85 милиони фунти што го прави најскапиот дефанзивец во светот. Претходно рекордот го држеше Ван Дајк кој во Ливерпул премина за 75 милиони фунти.
„Многу сум среќен што потпишав за овој голем клуб. Уживав во мојот престој во Лестер и сакам да им се заблагодарам на сите во клубот и на фановите за нивната поддршка која ми ја даваа во изминатите две сезони. Како и да е кога Манчестер јунајтед ќе тропне на вашата врата, тоа е неверојатна можност“, вели Мегваер.
„Од мојот разговор со тренерот, возбуден сум за визијата и плановите кои ги има за тимот. Јасно е дека Оле гради тим за да освојува трофеи. Со нетрпение чекам да ги запознаам моите нови соиграчи и да стартува сезоната“.
Оле Гунар Солскјер е среќен што ќе го има на располагање Мегваер.
„Хери е еден од најдобрите централни дефанзивци во светот денеска и среќен сум што го обезбедивме неговиот потпис. Тој е одличен читач на играта и има силно влијание на теренот со можност да остане смирен под притисок. Има силно влијание во двата шеснаесетника, мислам дека ќе се прилагоди одлично во тимот и во и надвор од теренот. Тој е фантастично засилување за тимот“, вели Солскјер.