„Баварците“ се во потрага на нов офанзивец откако Франк Рибери и Арјен Робен го напуштија клубот по долги години и прва желба е Лерој Сане. Германецот минатата сезона уживаше мала доверба кај Пеп Гвардиола, седеше на клупата на речиси сите важни мечеви, одбива да стави потпис на нов договор, па неговата иднина виси во воздух.
Медиумите од Германија често шпекулираат дека тој ќе се пресели на Алианц Арена, а Баерн денеска беше приморан да испрати демант по еден ваков напис. Гигантот од Минхен се надева дека ќе може да стигне до потписот на Лерој Сане до крајот на преодниот рок, но последните стории од Англија не носат добри вести.
Неколку извори, помеѓу кои и Телеграф, весник кој обично има добри информации, пренесоа дека Манчестер Сити за услугите на Лерој Сане бара 150 милиони евра (137 милиони фунти).
„Граѓаните“ се решиле на еден ваков чекор откако Атлетико Мадрид за услугите на тинејџерот Жоао Феликс плати нешто над 127 милиони евра, а претходно слични суми беа одвоени и за Филипе Кутињо (120+40 милиони евра) и Осман Дембеле (105+40 милиони евра).
Шпекулациите велеа дека Баерн подготвува понуда од 80 милиони евра, што е речиси двојно помалку од сумата која ја бара шампионот на Англија.