Нејмар по две
години престој на „Паркот на принцовите“ сака да стави крај на авантурата во
Франција. Негов прв избор е враќање на Камп Ноу но проблем е тоа што Барселона
нема пари да го плати обесштетувањето кое го бара ПСЖ.
Се шпекулира дека
играчот е понуден на уште неколку клубови како Реал Мадрид, Јувентус, Баерн
Минхен и Манчестер јунајтед.
Во интервју за
Марка, Кристијано Роналдо беше запрашан на оваа тема. ЦР7, кој со Нејмар сними
неколку реклами изминатиов период, вели дека сака да го види Бразилецот
повторно среќен и очекува напаѓачот на крајот да остане во ПСЖ.
Запрашан дали го
гледа Нејмар во дресот на Барселона, Португалецот вели: „Не знам. Тој е одличен
фудбалер и јас добро се сложувам со него. Соработувавме неодамна, заедно
снимивме неколку реклами. Има многу гласини, дека ќе оди во Барса, Мадрид,
Јуве… Но такви се медиумите, мора да шпекулираат за да продаваат. Јас мислам
дека тој ќе остане во Париз“.
„Доколку не
остане, би сакал да заврши во клуб каде ќе биде среќен и каде ќе може да го
прикаже својот фудбал. Јас сакам само да го видам како повторно игра со
насмевка на лицето, не ми е важно во кој клуб ќе биде. Само да игра и да остане
здрав, да ги избегне повредите“.