Севан Кариан,
адвокатот на Антоан Гризман посочи дека неговиот клиент многу разочарувачки го
поднел начинот на кој Атлетико Мадрид се збогуваше со неговиот довчерашен
фудбалер, откако францускиот репрезентативец и официјално направи трансфер во
ривалот Барселона.
Од Атлетико
Мадрид веднаш обвинија дека трансфер зделката се „крчкала“, односно договорила уште во периодот
кога Гризман имал откупна клаузула од 200 милиони евра (пред 1. јули), а
Каталонците го официјализираа трансферот откако сумата падна на 120 милиони
евра, па „Јорганџиите“ најавија тужба поради таквите тврдења.
Кариан е
изненаден од одлуката и соопштението на Атлетико во врска со трансферот на
Гризман во Барселона, тој во изјава за „Л’Екип“ посочи дека тимот од Мадрид едно говорел
лично со фудбалерот, но, на друг начин реагирал јавно.
„Антоан е
премногу разочаран од начинот на однесување на челниците на Атлетико, кои се
однесуваат со лоша намера и тоа што го говорат е спротивно на тоа што му го
кажаа лично“ вели Кариан.
„Ќе ги оставиме
да прават тоа што мислат дека треба да го направат, ние ќе го сториме истото
доколку е потребно“ додаде тој во однос на заканите од Атлетико за тужба по
однос на овој случај каде клубот од Мадрид бара дополнителни 80 милиони евра за тој трансфер.
Во меѓувреме,
Гризман се обидува да ја избегне контроверзната ситуација и се надева дека во
недела ќе биде презентиран на „Камп Ноу“ арената.