Избраниците на
Јирген Клоп прикажаа импресивна партија во претпоследната контролка пред
стартот на новата сезона во Премиерлигата. Ливерпул вечерва во Даблин лесно со
убедливи 5-0 славеше над Наполи.
Резултатот беше
отворен по само 200 секунди. Клајн одзеде една топка во близина на
шеснаесетникот, Мане асистираше а Милнер неодбранливо биеше за 1-0. Ливерпул ја
дуплираше предноста веќе во 9. минута. По една нафрлена топка, Вајналдум скокна
највисоко и донесе 2-0.
Наполи ја
стабилизираше играта и на нов гол се чекаше до 58. минута кога Салах прецизно
пласираше во аголот од голот. Во 73. минута Стариџ начека една одбиена топка на
врвот од шеснаесетникот и го матираше голманот на Наполи за 4-0, а конечниот
резултат го постави Морено во 77. минута. Шпанецот се намести на лева и иако
биеше од косо, испрати силен шут кој заврши над главата на голманот за 5-0.