Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска потврди дека ја повлекува поддршката за Џани Инфантино и на наредните избори нема да гласа за него.
ФФМ одлучи да не му даде поддршка на актуелниот претседател на ФИФА, Џани Инфантино. Денеска стигна и официјална потврда, соопштението на ФФМ ви го пренесуваме во целост:
„По состанокот на претседателите на членките на УЕФА со претседателот и Извршниот комитет на УЕФА, Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука да ја повлече својата поддршка за кандидатурата на Џани Инфантино за реизбор за претседател на ФИФА за периодот 2027–2031 година.
За одлуката, ФФМ испрати и официјално писмено известување.
Одлуката е донесена по внимателно разгледување на неодамнешните случувања и начинот на кој се води ФИФА, особено во делот на доброто управување, институционалниот интегритет и транспарентноста во односите со националните федерации.
ФФМ смета дека довербата, отчетноста и отворениот дијалог мора да бидат темел на управувањето со светскиот фудбал. Најдобрите интереси на фудбалот и неговиот развој, секогаш мора да бидат на прво место.
Како членка на УЕФА, ФФМ останува цврсто посветена на заедничките принципи и вредности на европскиот фудбал и ќе продолжи да стои заедно со сите национални федерации кои се залагаат за заштита, развој и унапредување на фудбалот.
Остануваме посветени на соработката со сите свои меѓународни партнери, со единствена цел, заштита и унапредување на интересите на фудбалот“, стои во соопштението на ФФМ.