Германија доживеа вистинско разочарување на Светското првенство, откако беше елиминирана од Парагвај по изведувањето пенали со 4:3, а по дуелот очекувано се редат бројни критики.
Клучниот момент се случи при шестиот пенал. Откако по првите пет серии резултатот беше израмнет 3:3, секој следен промашен удар можеше да значи елиминација. Одговорноста ја презеде дефанзивецот на Баерн Минхен, Џонатан Та, но неговиот удар заврши високо над голот. Интересно е што тоа беше првиот пенал што Та го изведе во својата професионална кариера.
Според информациите на „Билд“, токму затоа што неколкумина искусни германски репрезентативци не сакале да го изведат шестиот пенал, Та прв се пријавил и ја презел одговорноста во еден од најтешките моменти на натпреварот.
Во тој момент на теренот сè уште беа Леон Горецка, Валдемар Антон, Натаниел Браун, Малик Тијау и голманот Мануел Нојер. Според изборот на селекторот Јулијан Нагелсман, пред Та пенали изведуваа Каи Хаверц (непрецизен), капитенот Џошуа Кимих (прецизен), Џамал Мусијала (прецизен), Ник Волтемаде (непрецизен) и Надием Амири (прецизен).
Така, Џонатан Та стана трагичарот на натпреварот. Дополнителна горчина за него претставува и фактот што во продолженијата му беше поништен погодок со глава по интервенција на ВАР, кој ќе ѝ донесеше победа на Германија.