Арсенал ја доби и втората пресметка со Милан, вечерва пред своите фанови со 3-1 го совлада гигантот од Милано. Но натпреварот можеше да има сосема поинаков крај доколку судијата не направеше голема грешка и му подари пенал на домашниот тим.
„Росонерите“ добро го започнаа мечот и тоа резултираше со водство од 0-1. Чалханоглу постигна еврогол од работ на шеснаесетникот во 35. минута. Сепак, крилјата на Милан за кратко време беа „скратени“. Велбек одглуми пенал, а Ериксон на совет на својот помошник крај голот покажа на белата точка. Самиот Велбек ja реализираше најстрогата казна за 1-1 во 39. минута и практично тука беше се решено.
Милан се обиде да се врати во игра на стартот од вториот дел, а откако не беа реализирани неколку полу-шанси, Џака донесе 2-1 во 71. минута од мечот. Швајцарецот биеше силно, Донарума не реагираше на потребното ниво и дозволи топката да заврши зад неговиот грб. Гостите потоа немаа премногу мотив за игра, па домаќините го искористија ова за нов гол и 3-1 преку Велбек во 86. минута.
Покрај Арсенал, последни патници во осминафиналето се ЦСКА Москва и Салцбург. Клубот од Русија со 3-2 славеше на гостувањето кај Лион, додека пак шампионот на Австрија одолеа пред своите фанови и одигра 0-0 против Борусија Дортмунд.