Натпреварот кој требаше да биде „шлаг на тортата“ во третото коло на Серија А меѓу Јувентус и Рома не понуди погодоци и заврши со почетниот резултат 0-0.
Тиаго Мота и Даниеле Де Роси се „прекалкулираа“, екипите беа резервирани и несакајќи да погрешат не покажаа многу на тревникот. Најзрелата шанса на средбата ја имаше Душан Влаховиќ уште во првиот дел, а потоа се играше релативно мирно.
Дебитираа засилувањата кои пристигнаа во финишот на преодниот рок на двете страни. Кај Јуве тоа беа Копмајнерс, Гонзалез и Консеисао, додека кај Рома заиграа Салемакерс и Коне.
Во вечерниот термин се одигра и мечот на „Фриули“ каде што Удинезе со 1-0 го совлада Комо. Претходно Фиорентина избегна пораз во 96. минута против Монца (2-2), а Верона слави кај Џенова (0-2).