Грчкиот тренер Анге Постекоглу на својата кожа почувствува како е да си тренер во елитна лига, а на почетокот од сезоната не му изгледаше така, па дури и беше арогантен во своите изјави.
Првото тренерско искуство на Постекоглу во најдобрите пет лиги му е токму Тотнем. Му тргна совршено, редеше победи на почетокот, па во тој период даде изјава која предизвика внимание.
„Многу често слушам тренери како велат „Би сакал да играм ваков начин на фудбал, но ги немам фудбалерите за тоа“, си помислувам: па играј човеку, што те спречува“, рече тогаш Постекоглу.
Со оваа изјава Постекоглу на некој начин го потцени мислењето на тренерите со поголемо искуство на повисоко ниво од него. Но, вчера даде изјава иста како и оние кои ги потценуваше.
„Потрени ни се промени. Потребно е да се случат промени. Потребно е да направам промени во составот. Треба да го градам составот со играчи кои можат да го играат нашиот фудбал. За тоа да се случи треба да има и заминувања од клубот. Ние играме и тренираме на начин кој не е за секој“, вели сега Постекоглу.
Очигледно е дека Премиерлигата ги промени сфаќањата на грчкиот тренер за фудбалот, тој виде дека не е така едноставно да се работи на највисоко ниво.
Тотнем има серија од три порази во Премиерлигата и речиси и да нема шанси за пласман во топ четири.