Фудбалската репрезентација на Шпанија одигра одлично во првите два натпревари на Европското првенство, ги победи Хрватска со 3-0 и Италија со 1-0, а во последното коло ќе игра против Албанците.
Интересна приказна е поврзана со Ламин Јамал, 16-годишната ѕвезда на Шпанците. Имено, репрезентацијата на „фуријата“ прекрши германски закон во моментот кога против Италија играше младиот Јамал.
Во Германија постои закон кој вели дека деца под 18 години не смеат да работат после 20:00 навечер. Има исклучок за спортисти кои смеат да бидат активни само до 23:00 часот. Доколку се земе в предвид дека задолженијата на фудбалерите продолжуваат и по мечот со изјавите во микс зоната, шпанскиот фудбалер се задржува подоцна од предвидениот рок.
Поради тоа, се наведува дека Шпанија го прекрши законот со тоа што Јамал играше против Италијанците, а ќе го прекрши повторно доколку младата ѕвезда игра против Албанците. Казната предодредена за овој прекршок е 30.000 евра, меѓутоа се верува дека европскиот гигант ќе добие поштеда.