Шпанија со пресврт славеше над Франција со 2-1 и се пласираше во финалето на Европското првенство, Ламин Јамал стана најмладиот стрелец на големите натпреварувања.
Шпанците ќе се борат за големиот пехар на турнирот во Германија откако вечерва беа подобри од Франција во полуфиналната пресметка.
Шпанците тргнаа офанзивно, но Франција го отвори резултатот. Во 9. минута по асистенција од Мбапе, Коло Муани постигна гол за водство од 1-0. Тоа беше првиот погодок на Французите од игра на ова Европско првенство.
Но, радоста на француските навивачи не траеше долго, во 21. минута Ламин Јамал постигна спектакуларен гол за израмнување на 1-1. Со овој погодок тој стана најмладиот фудбалер кој постигнал гол на Европските првенства, но и воопшто на големите турнири.
Само четири минути подоцна Дани Олмо со помош на Кунде погоди за комплетен пресврт и водство на Шпанија од 2-1, што беше и конечен резултат на мечот.
До крајот имаше да се игра уште повеќе од еден час, но Франција не успеа да го најде патот до мрежата на Симон, па мораше да се помири со поразот.
Шпанија во финалето ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Англија и Холандија кои играат утре.