Реал Мадрид е тим за Лигата на шампионите и вечерва само уште еднаш докажа зошто има 14 титули во ова натпреварување.
Имаше иницијатива Реал Мадрид создаваше прилики, а кога не ги искористи Баерн со голот на Дејвис дојде до водство во 67-та минута. Само четири минути подоцна Канаѓанецот ја погоди и сопствената мрежа, меѓутоа тој гол ВАР го поништи.
Имаше Баерн водство се до 87. минута, а Реал Мадрид тогаш како и многу пати досега во минатото во завршницата постигна гол со кој се врати целосно во игра. Стрелец на погодокот беше Хоселу кој во игра влезе шест минути претходно на местото на Винисиус.
По тој гол следуваше вистинска опсада кон голот на Баерн и веќе во 91. минута Хоселу го постигна својот втор гол за комплетен пресврт и пласман во финалето на „кралевите“. Дефинитивно ова се двата најважни голови во кариерата на Хоселу.
Не смее да се заборави и потегот на Карло Анчелоти кој во вистински момент почувствува дека Хоселу може да биде човекот на одлука.
Taка на 1. јуни на „Вембли“ во битка за трофејот во најелитното европско натпреварување ќе се соочат Борусија Дортмунд и Реал Мадрид.