Дојде време за почетокот на разврската во европските клупски купови, а прво на програмата е финалето во Лигата на Европа. На стадионот „Авива“ во Даблин копјата ќе ги вкрстат екипите на Аталанта и Баер Леверкузен за трофејот во второто по ранг европско натпреварување.
Едно е сигурно, кој и да го крене трофејот оваа сезона, тоа ќе биде приказна на сезоната. Ретко кој на стартот на оваа кампања очекуваше дека тимовите од Бергамо или Леверкузен ќе дотуркаат толку далеку во Европа. Во ова финале Аталанта игра за прв историски европски трофеј, додека Баер има еден во поранешниот УЕФА Куп од далечната 1988 година, па сега се бори за втор.
Зад Баер Леверкузен е перфектна сезона. Четата на Чаби Алонсо е на два чекори до исполнување на кампања без пораз, а тоа се финалето со Аталанта и против Кајзерслаутерн во Купот на Германија в сабота. Од друга страна, Аталанта брка историја во својот последен сезонски меч. Се очекува вистинско надмудрување на искусниот Џанпјеро Гасперини и младиот стратег Чаби Алонсо.
Финалето на Лигата на Европа во Даблин се игра вечерва во терминот од 21:00 часот.