Првиот италијански фудбалер кој беше прогласен за виновен за нелегално обложување беше Николо Фаџоли од Јувентус. Младиот играч за врска соработуваше со обвинителството и доби суспензија од седум месеци која веќе ја отслужи.
Првпат откако се појавија информациите за скандалот, но и текот на самата суспензија Фаџоли реши да проговори за јавноста. Тој си ја отвори душата и зборуваше за причините на неговото однесување.
„Проблемот беше во тоа што јас повеќе не можев да се контролирам. Коцкањето ми го уништи животот. Тоа беше опсесија, кошмар… Знам дека луѓе се во подраматични животни ситуации и дека немам право да барам сочувство. Но, не сакам да бидам лицемерен. Сè започна како игра. Многу се коцкав, но не на својот тим или на себе. Мислев дека играњето фудбал и обложување во исто време не се лоша работа, освен ако не се поклопат. Не го повредив спортот и не влијаев на резултатите.
Ако немате други интереси, тој понор ве привлекува, ми беше здодевно. Немав со кого да разговарам за тоа бидејќи се срамев. Потполно загубив контрола во јануари 2023 година. Не играв добро и тренирав се полошо. Главата ми беше на друго место, средиштето на мојот живот беше обложувањето. Почнав со терапија кај професионалец. Гледам во себе за да ги пронајдам причините и сфатив зошто немав противотров за таа празнина. Сакам да им кажам на сите момци кои се борат, не треба да се плашите да побарате помош“, призна Фаџоли.
Николо Фаџоли веќе заигра за Јувентус по суспензијата, а се најде и на поширокиот список на Италија за Европското првенство.