Проблеми во пресрет на следната европска сезона имаа неколку клубови, а стануваше збор за правилото дека не смее клубови со исти сопственици да играат во исто натпреварување на УЕФА.
Последен кој се најде во таков проблем беше Манчестер Јунајтед по освојувањето на ФА Купот и обезбедувањето на место во Лигата на Европа. Во ова натпреварување веќе беше пласирана Ница преку француското првенство и ќе добиеше предност доколку мораше да се бира еден тим, а инаку двата клуба се во сопственост на компанијата „ИНЕОС“.
Слична е ситуацијата и на Манчестер Сити и шпанскиот хит Џирона. Двата клуба се под сопственичката капа на „Сити групацијата“, а тоа предизвика проблеми и историскиот пласман на Џирона во Лигата на шампионите беше под знак прашалник.
„Тајмс“ најавува дека УЕФА им дала „зелено светло“ на четирите клуба да играат во натпреварувањата за кои се изборија. Сепак, одредени се посебни околности. УЕФА формира надзорни панели за да се следи работата на клубовите, во овој случај Ница и Џирона. Исто така се нагласува дека во иднина слични исклучоци нема да се прават и сезоната 2024/25 мора да биде транзициона.