Албанскиот репрезентативец, Мирлинд Даку може скапо да го плати националистичкиот испад кој го имаше по крајот на мечот меѓу Албанија и Хрватска бидејќи УЕФА отвори истрага против него.
По крајот на мечот Даку на мегафон ги пцуеше Македонците. На неговиот испад имаше реакции од сите страни. Официјално реагираше и ФФМ која го осуди испадот на албанскиот фудбалер и побара од УЕФА да го разгледа случајот.
Скандалозниот гест на Даку го осуди дури и неговиот клуб Рубин Казан кој исто така напиша дека УЕФА е задолжена за евентуална санкција.
А санкција најверојатно ќе има. УЕФА и официјално потврди дека отворила истрага против Даку. Албанецот може да добие суспензија и да не заигра на следните мечеви од Европското првенство.
Покрај за Даку, УЕФА отвори истрага и за однесувањето на албанските навивачи на трибините, за нивното националистичко скандирање против Србите. Албанија ја очекува казна и по тој предмет.