Македонската фудбалска репрезентација се собра во Скопје за последниот годишен репрезентативен прозорец.
Во скопскиот хотел „Хилтон“ се собраа репрезентативците, а дел од нив ги споделија своите очекувања од ноемвриските предизвици. Еден од нив беше Александар Трајковски, асот на Хајдук.
„Убаво е да се има низа на победи без примен гол. Тоа докажува дека имаме квалитет, и не само да победуваме туку и да го браниме резултатот. Се надевам дека и во овие два натпревари ќе го покажеме истото. Мислам дека ова се најважните натпревари. Верувам во нашата екипа, мора позитивно да мислиме и да го дадеме максимумот. Квалитетот не е спорен, ние веруваме во нашите способности. Но, тоа треба да го покажеме на терен. Нема подобра можност да го завршиме овој циклус со две победи пред домашната публика и да се пласираме во плеј-офот“, изјави Трајковски.
Македонија во четврток е домаќин на Летонија на „Тодор Проески“, а на истото место во недела ќе ги дочека Фарските Острови.