Трапановски: Се надевам дека Милевски гледа како играме јас и Бабунски!

by riste
2 минути читање

Новата ѕвезда на Данди јунајтед, македонскиот фудбалер Кристијан Трапановски изрази надеж дека со Давид Бабунски заедно ќе играат и во репрезентацијата на Македонија.

Трапановски и Бабунски имаат фантастичен старт на поглавјето во Данди јунајтед. За кратко време двајцата станаа многу значаен дел од тимот.

„Мислам дека Бабунски е перфектен фудбалер. Тој беше 10 години во Барселона и тешко е да се опише колку е важно тоа, тој играше со некои неверојатни фудбалери. Чувствувам дека веќе сме многу блиски, па се надевам дека ќе продолжиме да комбинираме добро на теренот“, вели Трапановски за шкотските медиуми.

„Веќе знаев многу за Давид. Неговиот брат Доријан беше во Реал Мадрид исто така, па тоа е добро познато семејство. Целата држава зборуваше за нив. Имаше голем притисок врз двајцата, но Давид е одличен дечко“.

Бабунски има 15 настапи за сениорската селекција на Македонија, Трапановски беше дел од младинската, но уште не заиграл за А репрезентацијата.

„Ова е првпат да играм заедно во ист тим со Давид и се надевам дека ќе можеме заедно да играме и во репрезентацијата на Македонија. Се надевам дека селекторот гледа како играме во Данди“.

„Многу сум среќен што веќе постигнав три гола. Тоа е многу добро за мојата самодоверба, ми го прави животот полесен бидејќи секој офанзивен фудбалер сака да постигне голови за новиот тим колку што е можно побрзо. Чувствувам дека добро се адаптирам и сакам добрата форма да ја продолжам во првенството“.

Шкотското првенство почнува овој викенд, а на програмата е Данди дербито. Односно Данди јунајтед против Данди.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани