Родриго Бентанкур имаше непромислена изјава, која веројатно делумно беше и шега поврзана со Хјонг Мин Сон.
Уругваецот во гостување на локална телевизија доби барање да му обезбеди на новинарот дрес од Сон, а на тоа одговори: „Дрес од Сон? Тоа би можел да биде и роднина на Сон, сите изгледаат исто“. Оваа изјава беше окарактеризирана како расистичка навреда и Англискиот фудбалски сојуз драконски го казни Бентанкур со седум натпревари неиграње.
Тотнем не се согласува со оваа санкција, па побара ревизија на ситуацијата и должината на суспензијата.
„Можеме да потврдиме дека се жалевме на должината на суспензијата на Родриго Бентанкур која ја објави ФА. Иако ја прифаќаме одлуката на независната регулаторна агенција дека Родриго е виновен, веруваме дека санкцијата е престрога“.
Бентанкур ги отфрли обвиненијата за расизам или било каква навреда на расна основа. Тој и Сон се тимски колеги од 2022 година и имаат одлични односи.