Турските медиуми најавуваат интересна ситуација, капитенот на репрезентацијата на Македонија, Енис Барди, би можел да заигра во италијанската Серија А.
Сериосно заинтересиран за услугите на 28-годишниот играч за врска е Торино. Веќе неколку години „биковите“ го следат македонскиот фудбалер, а денес турските медиуми пренесоа дека се преземени и првите чекори за потенцијален трансфер. Наводно, Торино тропнал на вратата на Трабзонспор за да го купи Барди.
Играчот за врска има договор до следното лето, па поради тоа тимот од Турција нема да може да се надева на сериозна сума за трансферот.
Инаку, интересно е дека Торино имаше обид да го купи Барди уште во 2021 година, меѓутоа тогаш Леванте им побара огромна сума од 15 милиони евра. Останува да видиме дали сега тимот од Италија може да најде заеднички јазик со Трабзонспор.